Благодарение на исклучително добрата продажба на новата iPhone 11 серија (iPhone 11 и iPhone 11 Pro), Apple во четвртиот квартал на 2019. година успеа да го надмине Samsung и да стане најпродаван бренд на паметни телефони во тој период. Аналитичката куќа Strategy Analytics објави дека за овој резултат е заслужен подостапниот iPhone 11, кој обезбеди досега најдобар продажен квартал за Apple, во кој успеа да заземе 18,9 проценти од пазарот. Со тоа, за половина процент успеа да го надмине најголемиот конкурент Samsung. Во однос на истиот период минатата година, Apple ја зголеми продажбата за седум проценти.
Samsung во четвртиот квартал минатата година доживеа пад на профитот, со намалување на продажбата од година во година. Тоа не е голем пад, но сега веќе можеме да кажеме дека се работи за повеќегодишен тренд. Како главна причина се наведува намалувањето на продажбата и профитните маргини на нивните чипови.
Ако ја погледнеме целата 2019. година, Huawei го престигна Apple и се наоѓа на второто место глобално, веднаш зад Samsung. Сепак, нивната позиција е загрозена, делумно поради се уште важечките американски санкции против оваа компанија. По три квартали со значаен раст на продажбата, четвртиот квартал од минатата година оваа компанија го заврши со пад на продажбата од 7,4 одсто во однос на истиот квартал 2018. година.
Вкупно гледано, продажбата на телефони во 2019. година опадна за 2,2 проценти во однос на 2018, а најголем пад на годишно ниво доживеа LG (вкупно 23,3 проценти).