Ferrari втора година по ред е најмоќниот бренд на светот на ранг-листата на глобалните 500 светски брендови на „Бренд фајнанс“.
Американската компанија за интернет-трговија Amazon, пак, трета година по ред ја задржа титулата највреден светски бренд. Имено, нејзината вредност од минатогодишните 187,9 милијарди долари пораснала за 18 отсто, на 220,8 милијарди долари. Зад Amazon се Google (САД), Apple, Microsoft, Samsung, кинескиот ICBC, Facebook, Wallmart, а топ-10 листата ја заокружуваат уште два кинески бренда – Ping An и Huawei.
Ferrari, од друга страна, е најмоќниот, односно највлијателниот бренд на светот, со индекс на сила од 94,1 поени од можни 100 и рејтинг од ААА плус. Сето тоа влијаело и на растот на стоковната вредност на марката за 9,0 отсто, на 9,1 милијарда долари.
По автомобилскиот гигант следуваат Дизни, кинески Ви-чат, Сбербанк, Делоат, Кока-кола, Тенсент, Ролекс, ПВЦ и Пеј-Пал.
Соперничките синџири на супермаркети Lidl (12,4 милијарди долари) и Aldi (14,3 милијарди долари) се најбрзорастечки малопродажни брендови, со скок на вредноста од 40 и 37 отсто, соодветно.
На ранг-листата од 500 фирми годинава има и 44 нови имиња, а највредна меѓу нив е нафтената компанија Сауди Арамко, со вредност на стоковната марка од 46,8 милијарди долари.
Во однос на Европа, германските брендови ги надминуваат другите држави. Меѓу 10. највредни стоковни марки дури шест се германски, а на нив отпаѓаат 6 отсто од вкупната вредност на 500. рангирани фирми. Само вредноста на брендот „Мерцедес-Бенц“ се проценува на 65 милијарди долари, со раст од 8 отсто благодарение на зголемената продажба од 1,3 отсто, на 2,34 милиона возила 2019 година.
Европскиот сектор на луксузни стоки, исто така, бележи значаен пораст на вредноста, при што стоковната марка „Луј Витон“ е посилна за 21 отсто, односно вкупно 16,5 милијарди долари. Следуваат: „Гучи“ (раст од 20 отсто, на 17,6 милијарди) и „Шанел“ (19 отсто, на 13,7 милијарди долари).