Уништувањето на земјата поради климатските промени можеби изгледа како далечна иднина, но планетата веќе страда од сериозни последици, предупредуваат експертите од Светскиот економски форум (СЕФ).
Глобалната средна стапка на пораст на морското ниво се зголеми 50 отсто во последните две децении. Температурите во 2017 година во некои региони, од Калифорнија до Виетнам, веќе достигнаа највисоки историски нивоа. Последните три години беа најжешките досега забележани, пишува во веста објавена на веб-страницата на СЕФ.
Во отвореното писмо на шест истакнати научници и дипломати, вклучувајќи ги и поранешната директорка за клима на ОН, Кристијана Фигуерас, и физичарот Стефан Рамсторф, се предупредува дека за речиси три години на земјата ќе се случат најлошите последици од климатските промени.
Ако емисиите континуирано се намалуваат до 2020 година, глобалните температури, најверојатно, ќе избегнат поминување на прагот по кој не ќе можат да се вратат, предупредија тие. Можните штетни ефекти се брзо умирање на шумите, поплави и непредвидливи временски промени, кои може да нанесат сериозна штета на земјоделството и да го загрозат животот на крајбрежјето.
Планот предложен од научниците вклучува шест цели до 2020 година, и тоа: зголемување на обновливата енергија до 30 отсто од вкупната употреба на електричната енергија, отфрлање на енергијата од фосилни горива до 2050 година, 15 отсто од сите продадени возила да бидат електрични, намалување од 50 проценти на емисиите што произлегуваат од уништувањето на шумите пред 2050 година и поттикнување на финансискиот сектор да издаде повеќе зелени обврзници поврзани со целите за ублажување на климатските промени.