Вработените во „Боинг“ биле свесни за проблемите со симулаторот на летови на сега приземјениот авион „макс 737“ и очигледно се обиделе да ги скријат од федералните регулатори, пренесува агенцијата АП повикувајќи се на внатрешна кореспонденција на вработените во компанијата.
„Овој авион е дизајниран од кловнови, чија работа ја надгледуваат мајмуни“, се вели во една од стотиците внатрешни пораки кои вработените во „Боинг“ ги разменувале од 2015 година, а кои во четвртокот во обработена форма ги објави американскиот производител на авиони демонстрирајќи ја на тој начин својата заложба за транспарентност.
Во декември „Боинг“ достави неревидирана верзија од тие дописи до Федералната управа за воздухопловство и Конгресот.
Вработените во внатрешната кореспонденција пишувале за мамење на регулаторите во врска со проблемот со симулаторот, а како што пренесува „Ројтерс“, двајца работници во меѓусебна преписка од април 2017 година изнеле забелешки за моделот „макс“, особено за компјутерот за управување на летот на авионот.
Во една од пораките од ноември 2015 година, што се чини дека фрла светло врз методите за лобирање што се користат кога станува збор за барањата на регулаторите, еден вработен во „Боинг“ забележува дека надлежните веројатно ќе бараат упатство за симулаторот со специфичен вид алармирање во пилотската кабина.
„Треба цврсто да се спротивставиме на тоа и веројатно ќе ни треба поддршка од највисоко ниво кога ќе дојде време за конечни преговори“, додава вработениот.
Друг работник во порака испратена до колега пишува дека никогаш нема да дозволи неговото семејство да лета со авионот „макс“.
Моделот „макс 737“ е приземјен во целиот свет од март минатата година по две фатални несреќи во кои загинаа вкупно 346 лица.