Истражувачи од Универзитетот Егзетер развија нови стаклени градежни блокови кои се опремени со мали соларни ќелии. Не само што блоковите генерираат енергија туку обезбедуваат и термална изолација и овозможуваат навлегување на природна светлина во зградите.
Блоковите се викаат Solar Squared и во производствениот процес се опремуваат со повеќе оптички елементи кои ја фокусираат соларната светлина на малите соларни ќелии. Блоковите имаат максимална апсорпција на сончевата светлина дури и во урбани средини.
„Модуларниот дизајн е целосно скалабилен и овозможува лесна интеграција во архитектурата. Поради природата на технологијата таа може да се вгради во повеќе конвенционални градежни материјали, што значи дека има повеќекратна употреба“, велат од Универзитетот.
Истражувачите се надеваат дека нивниот патент ќе ја револуционизира градежната индустрија. Стандардната соларна технологија има ограничена примена поради потребата од поголеми површини и негативниот визуелен изглед. Истражувачите сакале да ги надминат тие тие ограничувања и технологијата да стане целосен дел од градбите.