Јакни против деменција и пижами против апнеја се само два од вкупно 22 патенти на хрватски стручњаци кои биле претставени неодамна пред јавноста во Хрватска. Како што пишуваат тамошните медиуми, сè уште се тестираат паметни алишта коишто индицираат дека бебето или возрасно лице престанало да дише во сон.
„Четкајте ги забите. Измијте се. Појадувајте“ – ова се програмираните пораки кои се појавуваат на дисплеј на паметна јакна, дизајниран од тим на Факултет за текстилна технологија.
За да не ја утнат пораката, освен светлосно потсетување, вграден е и звучен сигнал. Јакната работи на тој начин што во апликацијата се внесуваат податоци за дневниот распоред на хигиена и други обврски, а таа ги испраќа во микрокомпјутер што е во џебот и ги печати на дисплеј што е вграден во ракавот.
„Паметната облека за деменција е направена како дел од проект што го работевме со Словенија преку Министерството за наука и образование на Хрватска и Словенија. Соработувавме со Факултетот за текстилна технологија и професор од ФЕР од хрватска страна и нашите колеги од словенечка страна. Идејата беше да им се помогне на луѓето со деменција. Најмногу од сè се фокусиравме на таа прва фаза на болеста кога лицето сè уште може да функционира само“, вели професор Снежана Фиршт-Рогале, лидер на тимот, кој издаде 22 патенти во последните пет години, за коишто имаат освоено околу 80 награди.
Ракувањето со апликацијата е многу лесно. Се подесува во колку часот треба да се појави саканата порака. Дисплејот има батерија која е со големина и форма на рачен часовник, а иноваторите велат дека трае многу долго време. Дисплејот може да биде ставен на кое било парче облека, а може и да биде преносно.