Пет водечки светски технолошки компании, вклучително и Apple, Tesla и Google, се обвинети за соучесништво во врска со смртта на деца во Конго ДР, принудени да работат во рудниците за кобалт и метал кои се користат за правење телефони и компјутери.
Судска постапка во име на 14 семејства од Конго ДР беше покрената во неделата, од страна на непрофитната организација Меѓународни заговорници за право, со седиште во САД. Тужбата е поднесена против Tesla, Apple, Alphabet (матична компанија на Google), Microsoft и Dell Technologies. Во обвинението се тврди дека овие компании биле дел од системот на присилна работа, што според семејствата, резултирало со смрт или тешки повреди на нивните деца.
Ова е првпат неколку компании од технолошката индустрија да се соочат со парница поради вадење кобалт.
Судските документи доставени до Окружниот суд во Вашингтон, исто така, содржат фотографии на осакатени деца.
Шест од 14-те деца вклучени во случајот загинаа при пропаѓање на дел од тунел, додека други се здобија со повреди кои целосно ги сменија нивните животи, вклучително и парализа.
Во тужбата се наведува дека децата, некои на возраст од само шест години, биле принудени да го напуштат училиштето заради сиромаштија и да работат во рудниците за кобалт, сопственост на британско-швајцарската рударска компанија Glencore, која претходно се соочуваше со обвиненија за употреба на детски труд. На некои деца им плаќале само 1,5 долари на ден, а работеле шест дена неделно.
Dell Technologies се огласи по обвинувањата, соопштувајќи дека „никогаш свесно не набавувале суровини“ произведени од детски труд и дека тие започнале истрага за наводите.