Научниците открија нови информации за последните денови на познатата европска заледена мумија, мажот наречен Еци или Ледениот човек. Тој починал откако бил погоден од стрели, а потоа ледената прекривка го сочувала неговото тело илјадници години.
Во најнова студија објавена во списанието „Плос Уан“ се прикажани резултатите од анализата на вегетацијата која се наоѓала околу мумијата постара од 5.300 години. Со оглед на тоа дека научниците пронашле најмалку 75 вида мов замрзнати заедно со Еци, а само 30 отсто ги имало во локалното подрачје каде што е најдена мумијата, тие заклучиле дека остатокот е донесен од некое друго место.
Експертите сметаат дека мововите можеле да се пренесат на облеката на Еци или дека на тоа место биле донесени од страна на тревопасни животни.
– Ја анализиравме содржината на ситните остатоци од ледот кои беа околу него, неговата облека и опрема, па дури и во неговите дигестивни органи – истакна екологот и биолог Џим Диксон од Универзитетот во Глазгов.
Некои од најдените видови се идентификувани како мовови кои денес постојат во долината Шналстал, што сугерира дека Еци патувал во тоа подрачје при искачувањето до глечерот кој на крај станал негово почивалиште.
Научниците беа особено заинтересирани за еден вид мов, neckera complanata, кој расте во шумите, а кој е пронајден на облеката на Ледениот човек, но и во неговата утроба. Диксон смета дека откривањето на овој вид мов е најдобар можен доказ дека тој се качувал од југ кон север по Шналстал.
Овие пронајдоци ја потврдуваат студијата од 2007 година која го анализирала поленот што се наоѓал во цревата на Еци за да ја реконструира неговата маршрута. Тогаш беше утврдено дека Еци во последните 33 часа од неговиот живот патувал од пониските предели со дрва што сакаат топлина до подрачја со висина од 3.000 метри.
Во текот на последните неколку години научниците создале хипотеза за неговата смрт. Според нивното сценарио, Еци можеби се вратил во неговото родно село на Алпите, каде што учествувал во некаков вид судир, поради што побегнал во планините и таму починал.
Еци имал рана на десната рака, што укажува на борба, која не успеала да зарасне пред неговата смрт. Тоа значи дека тој влегол во судир пред да биде погоден од стрела. Поради повредата на раката, му било отежнато подготвувањето на оружјето за повторен судир. Најверојатно тоа е причината што лакот и стрелата пронајдени покрај него биле недовршени.
Покрај него е пронајдена и бакарна секира која можела да функционира како оружје и орудие, но и како статусен симбол. Облеката му била направена од кожа и плетени треви.