Убавиот изглед, шармот и смислата за хумор се карактеристики со кои најчесто можете да привлечете некого, но кај некои корисници на „ајфон“ ваквите одлики на личноста стануваат ирелевантни.
Поточно, има одреден број луѓе што поседуваат телефони „ајфон“ и кои, според истражување на „Њујорк пост“, не сакаат да излегуваат со оние што имаат друг вид телефон.
Ако мислите дека ова е ограничено само на помладата популација, новинарката на овој портал, Хана Фришберг, вели дека тоа се однесува и на некои возрасни кои се грижат за бојата на балончето во кое пристигнуваат пораките.
Кај сопствениците на „ајфон“, кога се допишуваат еден со друг, бојата на нивните пораки е сина. Доколку, пак, сопственик на „ајфон“ се допишува со корисник на „Андроид“, пораките што пристигнуваат се во зелено балонче. Тоа изгледа им е многу важно на одредени луѓе, па врз основа на типот на телефонот што го имаат нивните соговорници одлучуваат дека не сакаат да се забавуваат со такви луѓе.
„Доколку пораката не е сина, нема да губам време флертувајќи со таа личност. Само ќе се запрашам зошто не користи ‘ајфон’“, рекла Кејти Мекдонау, една од интервјуираните.
Иако андроид-уредите доминираат на пазарот, припадниците на помладите генерации имаат невообичаена врска со производите на „Епл“. Тие се многу повеќе приврзани со нив од другите сопственици на уреди, што беше потврдено и во анализа спроведена минатата година.
Многумина ја припишуваат оваа врска на т.н. екосистем на „Епл“, кој најдобро може да се опише како систем на апликации и услуги што ги навлекува сопствениците на уреди на „Епл“ да се навикнат на него и да му останат верни на брендот.
Сепак, некои очигледно решиле да го пренесат ова и на малку подлабоки одлуки.
Во ваквата група луѓе припаѓа и Кејти (23), која тврди дека комуникацијата со сопствениците на „Андроид“ е тешка од неколку специфични причини.
Имено, таа сака да гледа три точки што се појавуваат кога и пишува друго лице, сака да го гледа известувањето дека пораката е доставена и можност да одговори на порака со „ха, ха“ или срце.
„Ме одбива ситуација кога ќе видам дека немаат ‘ајфон’. Кога на ‘Тиндер’ ќе размениме броеви со некого, секогаш се надевам дека неговите пораки ќе бидат сини. За мене тоа е вистинско олеснување“, објаснила таа.
Џејкоб Лендсмарт (23), сопственик на „Андроид“, е свесен за овој тренд, но и дека ваквиот, како што рекол, снобизам може да ги намали неговите шанси кај некои девојки.
„Дефинитивно, тоа е нешто од што малку се плашам“, бил искрен тој.