Објавен е подолг опис на случувањата во Facebook во последната една и пол година врз основа на разговор со 65 сегашни и поранешни вработени, кој, меѓу другото, ја открива и заднината на судирот меѓу Кевин Систром и Мајк Кригер со Марк Цукерберг.
Кевин Систром и Мајк Кригер изненадно го напуштија Facebook откако компанијата го презеде Instagram, социјалната мрежа што тие ја основаа и ја претворија во глобален феномен.
Се појавија приказни дека тоа било последица на зголемени тензии со раководството на најголемата социјална мрежа на светот, како и невообичаено долгиот период кој морале да го минат на работа кај новиот газда по преземањето.
Сега е откриено што точно било причина за нивното заминување.
Wired објави малку подолг опис на случувањата во Facebook, заснован на разговор со 65 сегашни и поранешни вработени. Меѓу другото, откриено е дека одредени директори во компанијата биле незадоволни од брзината на подемот на Instagram, сметајќи дека поради аквизицијата, растот и интеракцијата се пренасочени од главната апликација на компанијата на Instagram.
Додека Цукерберг се подготвувал за првата кадровска рокада меѓу своите директори, основачите на Instagram го туркале шефот за почетна страница, Адам Мосери, како свој официјален делегат. Им се допаѓал затоа што сметале дека може да биде добра тампон-зона против сѐ поагресивните барања на компанијата.
Откако Систром учествувал во подготовката на профилот за медиуми, Цукерберг објавил дека никој друг не смее да го прави тоа без дозвола од него или од Шерил Сандберг. Разговарајќи со инвеститори во јули 2018 година, Цукерберг ги презел заслугите за успехот на Instagram.
– Веруваме дека Instagram растеше двојно побрзо отколку што би растел самостојно благодарение на инфраструктурата на Facebook – рече тој.
Потоа од тогашниот директор за развој, Хавиер Оливан, побарал попис од сите начини на кои Facebook го поттикнал развојот на Instagram, за потоа да му каже на Систром дека ќе ја скрати поддршката од Facebook за Instagram, наводно, за да ја заштити главната апликација на компанијата.
Систром испратил меморандум до вработените во Instagram во кој ги предупредил што подготвува Цукерберг и навел дека тој се противи на тоа, но дека нема друг избор освен да ја прифати одлуката.
Во Facebook се исплашиле дека меморандумот може да излезе во медиумите, а Систром заминал на неколкумесечно породилно отсуство. Додека бил отсутен, во компанијата почнале да го тестираат следењето на локацијата и други функции за Instagram.
Систром се посомневал дека Цукерберг сака да му го загорчи животот доволно за да го натера да си замине. Тој и Кригер решиле да го напуштат Facebook штом Систром ќе се врати. Кога за тоа го известиле тимот, веста протекла во „Њујорк тајмс“, што ја затекло екипата неподготвена.
Извор: Tportal.hr
Поврзани артикли