НАСА објави дека почнува двегодишна вселенска мисија за проучување на почетоците и еволуцијата на универзумот и за утврдување на тоа колку се вообичаени состојките за живот во планетарните системи во нашата галаксија, Млечниот Пат.
Мисијата наречена SPHEREx се очекува да почне во 2023 година и ќе чини 242 милиони долари – не вклучувајќи ги трошоците за лансирање.
„Оваа неверојатна мисија ќе понуди богатство од уникатни податоци за астрономите“, рече Томас Зурбухен, помошник-администратор на Директоратот за научни мисии на НАСА. „Таа ќе обезбеди досега невидена галактичка мапа што ќе содржи ‘отпечатоци’ од првите моменти во историјата на универзумот. И ќе имаме нови индиции за една од најголемите мистерии во науката: што го натерало универзумот да се прошири толку брзо по помалку од наносекунда по Големата експлозија?“
SPHEREx ќе користи инфрацрвена светлина за да го проучува небото на секои шест месеци и да собира податоци од над 100 милиони ѕвезди во Млечниот Пат, како и од 300 милиони галаксии. Ова се галаксии во нашето космичко соседство, заедно со некои кои се толку далечни што се потребни 10 милијарди години за светлината од нив да стигне до нашите телескопи.
Додека го истражува Млечниот Пат, SPHEREx ќе бара органски молекули и вода во областите каде што се раѓаат ѕвездите и каде што неодамна се откриени состојки за живот и материи како сол.