Во светот денеска се одбележува интернационалниот Winter Bike to Worк Day.
Овој ден има цел да повика и мотивира што повеќе луѓе во ист ден да го изберат велосипедот како начин на транспорт до работа или училиште. Оваа иницијатива треба да важи за поттик што повеќе луѓе да созададат навика да го користат точакот како превозно средство, не само на овој ден, туку секојдневно, до работното место или училиштата.
Иницијативата која се организира секоја година на почетокот на февруари, годинава се случува по седми пат, а Скопје како град се придружува на истата по петти пат. На овој ден многу продавници, локали, институции, ресторани и сл., нудат попусти и поволности за сите кои ќе ги посетат на велосипед, а многу фирми доделуваат подароци за своите вработени кои тој ден пристигнале на работа со велосипед, во знак на поддршка.
Минатата година Скопје беше истакнат од страна на организаторите поради големиот број луѓе кои се обврзаа да го одбележат денот, со преку 1000 поддржувачи и покрај магливото и студено време, што го стави на листата на топ 10 градови по масовност во однос на бројот на жители. Регистрацијата на учесници се одвива преку интернационалниот вебсајт Winter Bike To Work Day преку кој поддржувачите „ветуваат“ дека навистина ќе возат на овој ден, а на самиот ден на социјалните мрежи постираат фотографии и постови со #winterbiketoworkday #WBTWD.
И оваа година, на овој ден, ресторани, продавници и кафулиња во главниот град ќе понудат поволности за велосипедистите: бесплатни пијалаци или на попуст, подароци, основен сервис на велосипедот и слично. Повеќе информации за одбележувањето на денот во Скопје можат да најдат на следниот линк.
Извор: Макфакс