TikTok има се повеќе корисници, а се е попопуларна и во САД и некои аналитичари веруваат дека токму таа може да биде прва азиска социјална мрежа која ќе постигне долгорочен успех во Америка.
Се чини дека моментниот поредок меѓу социјалните мрежи нема така скоро да се промени – и покрај се поголемите проблеми, Facebook и натаму е недопирлив, бројот на корисници на Instagram е се поголем, популарноста на Snapchat е во пад, додека важноста на Twitter е многу поголема од самиот број на негови корисници.
Во последно време се попопуларна е и социјалната мрежа, односно апликација за објава на видеозаписи TikTok, која досега е преземена повеќе од 800 милиони пати, не сметајќи ги корисниците на Android во Кина. Бројни познати личности, брендови и инфлуенсери сакаат да го искористат потенцијалот на оваа мрежа, па профили на неа отворија Џими Фалон, Тони Хок и Џејк Пол, а се поголемиот број корисници влијаеа и на зголемување на приходите, кои во последната година се зголемија повеќе од три пати.
TikTok потсетува на Vine, кој едно време беше исклучително популарен, но не успеа да преживее на пазарот, на кој завладеа Instagram – на оваа мрежа се објавуваат кратки видеа, кои можат да се уредуваат, забавуваат и забрзуваат, можат да им се додадат различни филтри и слично, додека другите корисници можат да коментираат и да лајкуваат, па дури и да ги пренесуваат на другите платформи како Instagram и Twitter.
Мрежата ја покрена кинеската компанија ByteDance 2016, а една година потоа ја преземаа и популарната апликација за видеа, Musical.ly, која неодамна беше додадена на TikTok и угасена како самостојна апликација. Потоа почна да расте популарноста на овој видеосервис и во САД и другите држави, а според компанијата која ги следи мобилните апликации, Apptopia, TikTok би можела да биде прва азиска социјална мрежа која ќе постигне долгорочен успех во Америка.
Колку TikTok е популарен, најдобро говори фактот дека оваа апликација ја копираше и Facebook – Марк Цукерберг препозна голем потенцијал во апликациите како TikTok, кои најмногу се наменети за помладите корисници и во чии кратки видеа, кои можат да се уредуваат, во прв план често е музиката. Апликацијата на Facebook, Lasso исто така овозможува бројни опции, како и нивниот кинески конкурент, но не е ни приближно популарна, ниту има голем број корисници.