Корисниците на Android повторно се најдоа на удар на тројанците, и тоа преку апликации кои легално ги преземале на Google Play Store.
Како што објавија експертите на компанијата за компјутерска сигурност ESET, од август до октомври 2018. година, на Play Store се наоѓале триесетина апликации заразени со тројански црв.
Малициозниот код бил вграден во наизглед невините апликации како “чистачи” на телефони, светилки или дури и хороскоп, а за цел имаше да извлече што повеќе лични податоци на корисници и потоа да ги ограби.
Апликациите по инсталацијата прикажуваат порака како да се отстранети од уредот поради некомпатибилност, но всушност се кријат во позадина и тргнуваат во малициозен поход.
Експертите објаснуваат дека заразените апликации по инсталацијата можат да целат на било која апликација инсталирана на паметниот телефон и да создаваат прилагодени обрасци со помош на кои од корисниците би барале лични податоци. Исто така, можеле да ги пресретнуваат или пренасочуваат текстуалните пораки за да ја заобиколат двостепената автентикација, да ги пресретнуваат повиците, но и да преземаат и инсталираат други апликации на заразениот уред.
Иако се работи за триесетина апликации, се чини дека зад нив стои една група криминалци. Во меѓувреме, апликациите се отстранети од Google Play Store, но веќе се преземени од 30 илјади корисници.
Експертите им советуваат на корисниците да ги отстранат сомнителните апликации со одење на Поставки – Апликации и потоа да изберат бришење на сомнителната апликација. Исто така, советуваат корисниците да ги проверат своите банкарски сметки (не од паметниот телефон) за да се уверат дека нема сомнителни трансакции или купувања.
Целосната листа на спорни апликации можете да ја пронајдете на блогот на ESET, WeLiveSecurity на дното на страницата.