Вонсончевите планети, отприлика два до четири пати поголеми од Земјата, поседуваат големи количини на вода, покажува едно истражување на научници од Харвард, пишува Space. Некои од овие егзотични светови најверојатно имаат околу 50 проценти вода од својата вкупна тежина.
“Нашите податоци покажуваат дека околу 35 проценти од сите познати егзопланети кои се поголеми од Земјата, би требало да се богати со вода“ изјавил предводникот на истражувањето, Ли Зенг. “Беше големо изненадување да се открие дека постојат толку многу светови на кои има вода“.
Зенг и неговите колеги анализирале податоци добиени од вселенскиот телескоп Кеплер, кој открил околу 70 проценти од познатите 3,800 егзопланети досега, како и сателитот Гаја на Европската вселенска агенција.
Истражувачите ги искористиле овие информации за да развијат модел кој ја објаснува врската помеѓу тежината на егзопланетите и нивниот радиус. “Убавината на моделот е во тоа што тој објаснува како композицијата е поврзана со веќе познатите факти за овие планети“, додал Зенг, кој ги претставил резултатите од истражувањето во Бостон минатата недела.