Пакетот за поврзување за 2018 година согласно Дигиталната агенда за Западен Балкан која стартува денеска со Дигиталното собрание што се одржува во Софија, има на располагање 220 милиони евра ЕУ грантови, од кои 190 милиони евра за проекти за поврзување и 30 милиони евра за техничка поддршка за подготовка на дигитални проекти.
Дигиталните проекти во пакетот за поврзување за годинава се фокусираат на добрата поврзаност со широкопојасен интернет, што е основен услов за дигиталната трансформација на економиите на земјите од Западен Балкан.
Главна цел на дигиталните проекти во рамки на агендата за поврзување се зголемување на покриеноста со широкопојасен интернет во Западен Балкан, вклучително надминување на поделбата на урбаните и рурални средини преку подготовка на таргетирани инвестиции, поврзување на училиштата, јавните установи и здравствени институции и обезбедување на подобар пристап до апликациите за еТрговија, еВлада и еЗдравје.
ЕУ има цел до 2025 година да создаде Гигабит општество, а тоа подразбира во сите училишта, транспортни центри и поголеми јавни сервиси да имаат пристап до интернет со брзина од 1.000 мега бити во секунда или 1 Гигабит конекција. Вториот сегмент од оваа цел е сите домови, рурални или урбани средни на територија на ЕУ, да имаат пристап до мрежи кои нудат брзини од најмалку 100 мега бајти во секунда, со можност да се зголеми до 1 Гигабит.
Во регионот на Западен Балкан неопходни се големи инвестиции со цел да се достигне ЕУ и целите за Гигабит општество до 2025 година. Првите чекори кон тоа се идентификување на инфраструктурни проекти кои се потребни за обезбедување на единствен преглед на дигиталната поврзаност во сите шест економии од регионот до 2018/2019 и моменталната дигитална инфраструктура во Западен Балкан може да се заемни со фибер мрежа, што овозможува поголеми брзини и помали трошоци од традиционалните бакарни мрежи.
Сите шест земји од Западен Балкан искажаа силна посветеност на Дигиталната агенда и тоа за намалување на роаминг цените во регионот и помали цени за роаминг меѓу регионот и ЕУ, подобрување на климата за дигитални проекти и овозможување на стабилни и компетитивни пазари во областа на телекомуникациите, побрзо покривање со широкопојасен интернет, развој на еВлада, еНабавки и еЗдравје, инвестирање во дигитални вештини и инвестирање во дигитална доверба и безбедност.
На 6. февруари годинава ЕК ја претстави Стратегијата за Западен Балкан, објавувајќи шест носечки иницијативи за регионот, меѓу кои и Дигиталната агенда за Западен Балкан, која вклучува насоки за намалување на цените во роаминг, поддршка за покривање со широкопојасен интернет, еВлада, еНабавки, еЗдравство и дигитални вештини.
На 17. мај 2018 година во декларацијата на Самитот за Западен Балкан во Софија беа претставени следни акции во областа на поврзувањето, вклучително 30 милиони евра во техничка поддршка за дигитални проекти во регионот.
Во 2015 година Европската унија ја претстави агендата за поврзување на регионот со цел јакнење на економскиот развој на Западен Балкан преку подобрување на клучните транспортни и енергетски врски. За таа цел насочени се една милијарда евра од предпристапните ЕУ фондови до 2020 година, со што се очекува да се повлечат уште 4 милијарди во инвестиции и да се создаат 45.000 нови работни места во регионот.
На сесијата посветена на Дигиталната агенда за Западен Балкан во рамки на дводневното Дигитално собрание во Софија, покрај еврокомесарката за дигитална економија и општество Марија Габриел, ќе се обрати и македонскиот министер за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.
Најавени се обраќања и на албанскиот заменик министер за инфраструктура и енергетика Дорина Чинари, министерот за комуникации и транспорт на Босна и Херцеговина Исмир Јуско, косовскиот министер за иновации и претприемништво Бесим Бечај, државниот секретар од Министерството за јавна администрација на Црна Гора Дејан Абазовиќ и државниот секретар од Министерството за трговија, туризам и телекомуникации на Србија, Татјана Матиќ.
Дигиталното собрание се одржува во организација на Европската комисија и Бугарското претседателство со Советот на Европската унија