Технолошкиот гигант Microsoft потврди дека ќе го купи GitHub за 7,5 милијарди долари. Онлајн платформата за развој на софтвер има 24 милиони корисници, пишува Business Insider.
Договорот се очекува да добие одобрение од надлежните органи до крајот на 2018. година. GitHub последен пат обезбеди капитал од 350 милиони долари во 2015. година при оценка од 2 милијарди долари.
Компанијата основана во 2008. година ќе биде купена за 7,5 милијарди долари, а плаќањето ќе се изврши преку акции на Microsoft.
Актуелниот потпретседател на Microsoft, Нејт Фридмен, ќе ја преземе функцијата главен извршен директор на GitHub. Тој ќе го замени Крис Ванстрат, кој пред 10 месеци изјави дека има намера да се повлече, но продолжи да ги извршува своите должности.
GitHub е клучна алатка за програмерите низ целиот свет. Се користи за зачувување на кодот со кој ги развиваат нивните софтверски проекти.
По трансакцијата, GitHub ќе стане дел од Intelligent Cloud на Microsoft.
Акциите на Microsoft вчера беа затворени по цена од 101,67 долари по акција, а пазарната вредност на компанијата достигна 781 милијарда долари.