Научниците со ДНК анализа на водата од шкотското езеро Лох Нес ќе се обидат да ја разјаснат мистеријата за долгогодишната легенда за постоењето на чудовиштето Неси во езерото Лох Нес и тоа со ДНК анализа на примероците на водата.
Со децении има тврдења од некои посетители на Лох Нес дека го виделе чудовиштето за кое се верува дека живее во длабочините на мрачното езеро.
Една од теориите е дека Неси е воден плесиосаурус со долг врат кој некако успеал да го преживее периодот кога изумреле диносаурусите, иако езерото Лох Нес било формирано многу подоцна. Другата теорија е дека „чудовиштето“ е всушност многу голем сом или јагула.
Многумина сметаат дека луѓето кои тврдат дека го виделе чудовиштето вссушност виделе стебло од дрво како плови по езерото.
Џемел вели дека не верува во чудовиштето Несо, но дека сака да ги понесе луѓето во авантура и попатно да им пренесе некои научни податоци. Тој додава дека неговите деца сметаат дека ова е најинтересниот потфат во неговата кариера.
Новозеландскиот научник вели дека водените суштества, како и сите други, оставаат трага каде живеат – дел ДНК од кожа, перја, урина… Тој вели дека неговиот тим ќе земе 300 примероци од водата на различни точки во езерото и на различни длабочини.
Потоа водата ќе се исфилтрира и ќе се извлечат ДНК примероци врз кои ќе биде употребена технологија смислена за идентификување геноми кај луѓето.
Резултатите од ДНК анализата ќе бидат споредени со базата на податоци на познатите животински видови. Се очекува резултатите да бидат готови до крајот на годината.
„Влегувам во ова со уверување дека има мала веројатност дека постои чудовиштето, но сакам да ја тестирам хипотезата. Ќе добиеме многу добро истражување за биодиверзитетот на Лох Нес“, рече тој.