Киргистан го забрани пристапот до порнографија на интернет и воведе државна контрола врз интернет сообраќајот.
Според новите закони што неодамна ги потпиша претседателот Садир Жапаров, забраната за порнографија има за цел „заштита на моралните и етичките вредности“ во претежно муслиманскиот Киргистан, планинска централноазиска земја со седум милиони жители што стекна независност од Советскиот Сојуз во 1991 година.
Законот бара од давателите на интернет услуги да блокираат веб-страници врз основа на одлуки на Министерството за култура, а прекршителите ќе се соочат со казни, објави Ројтерс.
Жапаров, исто така, потпиша декрет со кој се воспоставува државен монопол врз меѓународниот интернет сообраќај. Според декретот, државната телекомуникациска компанија „ЕлКат“ ќе стане единствен снабдувач на меѓународен интернет сообраќај во Киргистан за едногодишен пробен период, почнувајќи од 15 август.
Сите други киргистански телекомуникациски оператори ќе бидат обврзани да ги префрлат своите договори за меѓународен пропусен опсег на „ЕлКат“ во рок од два месеци.
Емил Жураев, политички аналитичар во Бишкек, за „Ројтерс“ изјави дека „оваа одлука само придонесува за растечката улога на државата на сметка на слободата на пазарот во Киргистан“.
Овој потег доаѓа пред парламентарните избори закажани за 2026 година и претседателските избори во 2027 година. Жапаров, чии сојузници доминираат во законодавниот дом, навести дека повторно ќе се кандидира.
Поврзани артикли