Кинеската вселенска станица Tiangong-1 утрово се урна во Тихиот океан, објави кинеската вселенска агенција. Поголемиот дел од неа изгорел во тек на падот, а во океанот паднале само остатоците.
Tiangong-1 не беше во контрола на кинеската вселенска агенција уште од 2016 година, а нејзиното уривање на Земјата се очекуваше да се случи уште од февруари оваа година.
„Со надгледување и анализа направена од Центарот за контрола на воздушен простор во Пекинг, Tiangong-1 влезе во земјината атмосфера во 8:15 часот по пекиншко време и се урна некаде во централниот регион на Јужниот Пацифик“, пишуваше во соопштението на кинеската вселенска агенција.
Tiangong-1 или Heavenly Palace 1, како што беше наречена оригинално, беше долга 10,4 метри и беше лансирана во 2011 година за да изврши експерименти во орбитата и да послужи како дел од амбициозната кинеска вселенска програма, која има во план до 2023 година да постави постојана вселенска станица во земјината орбита.
Уште пред да се урне, беше посочено дека Tiangong-1 ќе падне во водена површина и шансите да удри некого или пак да се распадне за некој од деловите да погоди човек се „околу милион пати помали отколку човек да доживее удар од гром“.
Иако оригиналниот план беше станицата да биде исклучена од употреба во 2013 година, сепак нејзината мисија продолжи до 2016 година. Тогаш кинеската вселенска агенција потврди дека станицата престанала да функционира и оттогаш се чекаше моментот кога таа ќе се сруши на Земјата.