Основачот на Google, Лери Пејџ вложи милиони долари во развојот на летечки автомобил, а таквите возила би можеле да станат реалност за околу три години.
Оваа седмица е направен голем исчекор кон комерцијализацијата на летечките такси автомобили кои што во иднина би можеле целосно да го променат такси превозот.
Имено, од компанијата Kitty Hawk објавија дека започнале со процесот за добивање на регулаторни дозволи во Нов Зеланд кои што ќе им овозможат да стартуваат сервис за превоз на луѓе со автономно летечко такси возило.
Станува збор за компанија во која што најголемиот дел од средствата ги вложи основачот на Google, Лери Пејџ и ја води Себастијан Трун кој што во Google беше задолжен за развој на автономните автомобили. Оваа компанија го разви Cora – комбинација на мал авион и дрон кој може вертикално да полета и да слета.
Ова електрично летечко возило има 12 ротори, максимална брзина од 150 километри на час, домет од 100 километри и може да достигне висина поголема од 900 метри. Сепак, најважната опција ќе биде автономноста, па така на патниците нема да им треба пилотска дозвола, затоа што леталото ќе го управува компјутер.