Стартап компанија тврди дека еден ден научниците ќе можат да ги копираат сите информации од меморијата на луѓето. За таа цел, „Нектом“ нуди да ги зачува мозоците на починатите, задржувајќи ги недопрени со години, се додека технологијата не напредува доволно за да може од нив да ги ископира сите податоци.
„Нектом“, вели дека мозоците ќе се чуваат според најсовремени услови, за да може да ги копираат спомените во иднина и да ги внесат во компјутерска симулација. Компанијата веќе доби 960.000 американски долари во вид на финансирање од американскиот Национален институт за ментално здравје, каде што велат дека гледаат “бизнис можност” за чување информации од мозоците на дарителите. Плановите за развој на новата технологија опфаќа прво тестирање на луѓето кои страдаат од неизлечиви болести во завршната фаза од животот.
Тимот на „Нектом“ вели дека веќе има склучено договор со жена која почина во Портланд, Орегон. Нивниот метод за балсамирање мора да го задржи мозокот до најмалите детали.
Компанијата соработува со Едвард Бојден, водечки невролог на Технолошкиот институт во Масачусетс. Следниот чекор е да се најдат тест субјекти кои планираат да умрат со еутаназија. Идејата е, се додека телото е вклучено на машина за одржување во живот, да се внесе мешавина од хемикалии за балсамирање во мозокот преку големите каротидни артерии на градниот кош. На почетокот на процесот, волонтерите ќе бидат живи, иако под општа анестезија.
Досега, нема докази дека човечките спомени може да се извлечат од мртвото мозочно ткиво.