Последните две години, автомобилската индустрија минува низ пекол, и наместо светло на крајот од тунелот, се чини дека притисокот се зголемува. Од пандемијата со корона вирус, затворени фабрики ширум светот, слободен пад на продажбата, до недостигот на полупроводници и микрочипови. Иако повеќето лидери на автомобилските брендови уште претходно изразија уверување дека недостигот од овие клучни електронски компоненти ќе се ублажи дури следната година, најновите случувања во Источна Европа може да го нарушат сето тоа.
Украина е најголемиот светски извозник на неон, гас кој е клучен за производство на микрочипови. Згора на тоа, дури 70% од потребите за неон во светот се задоволуваат од Украина, додека уште 20% доаѓаат од Русија. Бидејќи поголемиот дел од светот воведе санкции кон Русија поради нападот на Украина, а извозот од оваа земја е исклучително тежок, јасно е дека ситуацијата е многу сериозна.
Според последните гласини, производителите на микрочипови почнале да акумулираат неон пред неколку месеци, бидејќи се плашеле од конфликтот меѓу Украина и Русија. Карла Бајло, раководител на Центар за истражување во автомобилската индустрија, наведува дека околностите се многу тешки.
„Секако, производителите ќе се обидат да стигнат до други добавувачи, но тоа е тешко да се направи со неонот“, вели Бајло.
Примарната надеж е дека војната ќе заврши брзо и дека извозот/увозот од овие две земји ќе се врати во нормала. Ако тоа не се случи, тоа ќе биде уште еден огромен проблем за автомобилската индустрија.