Вработените во Телеком дивизијата на Сеавус, Зоран Мариноски и Кристина Божиноска токму преку оваа талент програма на компанијатапочнале да ја градат својата професионална кариера.
На почетокот на март ќе започне новата Телеком талент програма на Сеавус чии уписи се во тек. Во рамките на програмата, компанијата и оваа година организира обука од областа на телекомуникациските технологии. Годинашната обука ќе се спроведува онлајн и е наменета за студенти и млади професионалци кои сакаат да се занимаваат со кариера во областа на технологијата и телекомуникациите.
Програмата претставува единствена можност за професионален развој преку учење од најдобрите луѓе во оваа област. Телеком дивизијата на Сеавус има повеќе од 250 експерти со многу успешни проекти зад себе и над 20 години искуство во развој и системска интеграција на напредни телекомуникациски решенија. Обуката е наменета за дипломирани студенти или студенти запишани во последната година од своите студии за информатички и компјутерски науки, како и за сите оние кои имаат технички познавања од оваа индустрија и сакаат да се дообучат.
Интересот за Сеавус талент програмата е голем бидејќи станува збор за обука којашто нуди можност за стекнување ретка стручност за една од водечките платформи за наплата. Сеавус е всушност единствената компанија на Балканот која едуцира и вработува вакви кадри. Вработените ќе имаат можност и да работат за некои од најдобрите телеком оператори во Европа.
Разговаравме со Зоран Мариноски, кој е дел од Телеком дивизијата во Сеавус, а кој токму преку оваа талент програма почнал да ја гради својата професионална кариера.
Кажи нѝ нешто повеќе за тебе? Како ја започна твојата кариера во ИТ секторот?
Јас сум дипломиран инженер по електротехника и информациски технологии на ФЕИТ. Веднаш по завршување на студиите започнав да барам работа и аплицирав во неколку компании, меѓу кои и Сеавус, каде бев примен на Телеком талент програмата. Обуката ја завршив успешно и започнав да работам на позиција Јуниор девелопер. Поминаа скоро 10 години, работев на многу интересни проекти за најголемите Телеком оператори во светот, имаше многу предизвици, но и многу интересни моменти и дружби со колегите, прогресирав низ сите нивоа на програмерската хиерархија и сѐ уште сум тука, што само по себе говори дека сум го направил вистинскиот избор со пријавување на Телеком талент програмата.
Која е твојата препорака за тие што се двоумат, зошто да се приклучат на Телеком талент програмата на Сеавус?
Мислам дека нема многу простор за двоумење. Доколку сакате да работите во пријатна атмосфера, со позитивни и забавни колеги, да работите за најдобрите Телеком оператори, а притоа да ги уживате сите бенефити што ги нуди Сеавус, ова е вистинското место.
Вработување во компанијата Сеавус преку Телеком талент програмата доби и Кристина Божиноска, која посочи со какви знаења и вештини се стекна преку самата програма.
Кои се бенефитите од Телеком талент програмата која всушност беше клучен момент за твоето вработување?
Телеком талент програмата не само што ми овозможи вработување во Сеавус, преку истата научив многу со тоа што го проширив своето знаење во еден малку поинаков правец – конкретно запознавање со еден нов систем, како тој работи и сите процеси во позадина. Тоа ми помогна да разберам и сфатам дека целта на знаењето не е само да се дојде до диплома, туку да се помогне да се изгради еден продукт кој што ќе биде од полза и корист на луѓето, а со тоа ќе се олесни секојдневното живеење. Голема мотивација ми беше тоа што имав можност да бидам дел од таква средина каде повеќе луѓе, кои како мене биле при крај со своите студии или штотуку дипломирале, сакаат да напредуваат, да се докажуваат и да придонесуваат за општо добро.
Како се соочи со предизвикот директно од факултет да работиш на сериозни проекти во Сеавус?
Се сеќавам на првите денови кога влегов во просториите на Сеавус – работната атмосфера беше на едно повисоко ниво, и секој би посакал да е дел од таа средина каде сите го даваат својот максимум за да изградат една целина, во која секој поединец има шанса да го даде својот придонес. Предизвик е да се работи со таков кадар кој што е премногу посветен, позитивен и мотивиран, сака да вложува и да се докажува – од сите тие особини едноставно може секој само да научи повеќе и да се надоградува со текот на времето. Достапноста на останатите колеги и нивниот одличен пристап кон тие кои штотуку се вработиле, само ја усовршува сликата на секој новодојденец во фирмата да може слободно да напредува на професионално ниво. Тоа беше главната причина како успеав јас лично да се соочам со предизвикот да работам на сериозни проекти во Сеавус. Сите имаме иста цел, работиме на истите интереси и на тој начин позитивниот резултат е неизбежен.
Сите заинтересирани кои сакаат да учат од најдобрите и да изградат кариера во индустријата во која акцентот е на дигитализацијата, 5G и предиктивната аналитика, можат да аплицираат на страната на Сеавус, најдоцна до 20 февруари 2022 година. Користејќи ја оваа прилика, кандидатите ќе имаат можност да се вработат како Јуниор софтвер девелопер или Јуниор инженер за тестирање.