Иако апликациите за Android се примарно направени за телефони, замислете колку подобро би било ако ја играте „Angry Birds“ на вашиот компјутер. На ниту една апликација или игра не може да ѝ смета ако е пуштена на поголем екран.
Без разлика дали сакате да играте игри, да користите апликации кои немаат соодветна верзија за компјутер (Snapchat) или да пишувате во некоја од Android апликациите со вашата компјутерска тастатура, добро е да знаете дека сите овие работи се изводливи.
Процедурата е многу лесна, само треба да инсталирате неколку апликации на вашиот компјутер и потоа можете да ја користите скоро било која Android апликација на компјутерот.
Bluestacks работи на macOS и Windows, а ги содржи скоро сите Android игри на пазарот. Со самото нејзино инсталирање, можете да си одберете игра директно од Google Play Store, а доколку не можете да пронајдете некоја од нив, ќе треба да отидете во Home менито, да стиснете Install APK и да го насочите Bluestacks кон фајл кој го имате симнато од место како што е APK Mirror.
Во Bluestacks имате многу повеќе можности отколку самото играње игри направени за Android. Можете да ја вклучите апликацијата на full-screen mode, имате контроли за компјутерска тастатура, можност за одредување на моменталната локација и интегрирана алатка за фаќање скриншот. Кога се работи за игри, нема подобра апликација на пазарот.
Освен Bluestacks, тука е и NoxPlayer, кој исто така работи на Windows и macOS. Тој ги има скоро истите функции како и погоре наведената апликација, со тоа што е малку побрз и нема потреба да одите во други програми за да ги најдете игрите или апликациите кои сакате да ги отворите бидејќи имате директен пристап до Google Play Store. Тој работи дури и со апликациите комплетно направени за мобилни телефони, како Instagram, па дури и го задржува оригиналниот изглед.