Поттикнати од неправдите и незадоволството на клиентите што се случуваат секојдневно при онлајн купувањето, како што се добивање грешни продукти и не добивање на фискални сметки или потврди за нивните нарачки доколку истите ги платиле онлајн, студентите од ФИНКИ и од Економскиот Факултет на УКИМ ја направија платформата Натапет.мк. Оваа платформа беше направена во рамки на студентскиот онлајн хакатон „Хакирај ја сивата економија во е-трговијата“, кој се одржа во мај годинава, а беше организиран од Асоцијација за Е-Трговија на Македонија.
При подготвувањето на платформата студентите целеа на тоа да направат промена во македонската е-трговија и да овозможат на граѓаните да можат безбедно да купуваат онлајн, истовремено овозможувајќи на е-трговците да изградат свои легитимни, квалитетни и препознаени бизниси.
Со ова решение креаторите на платформата сакаат да допринесат кон решавање на општествениот проблем со кој се соочува нашата држава, а тоа е сивата економија. Исто така, во сузбивањето на сивата економија ќе можат да се вклучат и самите купувачи со тоа што ќе го споделат своето лично искуство за е-продавниците.
“Доколку сакате да направите нарачка од некоја онлајн продавница Натапет.мк е правото место каде што може да се информирате за валидноста и интегритетот за истата пред да направите одредена нарачка”, истакнаа од тимот на Натапет мк.
Крајната цел е да се поттикнат македонските е-трговци да се стремат да бидат подобри, а тоа може да се постигне со јавна и објективна критика, но и пофалба за нивните е-продавници.
www.natapet.mk, посетете нѐ, информирајте се и споделете го вашето мислење!
Да изградиме заедно подобра и подоверлива онлајн средина.