Научниците открија огромен здрав корален гребен во форма на ружа, на длабочина од повеќе од 30 метри од брегот на Тахити, важно откритие бидејќи коралните гребени страдаат од климатските промени.
„Тоа е еден од најголемите корални гребени во светот, длабок повеќе од 30 метри. Совршената состојба на коралите во облик на ружа и обемот на областа што ја покриваат го прават ова многу необично откритие“, се вели во соопштението на УНЕСКО, кој ја поддржува научната мисија.
Гребенот се протега во должина од три километри, широк е меѓу 30 и 65 метри и длабок меѓу 35 и 70 метри, соопшти УНЕСКО, додавајќи дека некои џиновски корали се во дијаметар од два метри.
„Тоа е малку истражено подрачје. Она што добро го знаеме се областите меѓу нула и 30 метри“, изјави за AFP Летиција Хедуин, морски биолог и специјалист за корали во францускиот истражувачки центар CNRS и еколошката истражувачка организација CRIOBE.
„Овие корали не покажуваат знаци на стрес или болест“, додаде таа, додека коралите поблиску до површината во Француска Полинезија доживеаја епизода на белење во 2019 година, а морските ѕвезди често можат да ги опустошат коралите, проголтувајќи ги.
„Ние сме на почетокот на програмата за мониторинг за која се надеваме дека ќе биде долгорочна, со цел подобро да разбереме зошто овој корален гребен видно не настрадал од климатските промени и каква е динамиката на неговото население“, заклучи Хедуин.
Сознанијата за океаните сè уште се ограничени, а само 20 проценти од морското дно на планетата се мапирани.
Извор: Klix.ba