Фармацевтскиот гигант „Фајзер“ е обвинет дека подмитувал експерти за да ја дискредитираат вакцината против Ковид-19 на „АстраЗенека“, пренесуваат светските медиуми.
Во извештаите се вели дека „Фајзер“ финансирал презентација на која говорниците тврделе дека вакцината на „АстраЗенека“ може да предизвика рак и дека не е безбедна за имунокомпромитирани пациенти.
Споменатата презентација наводно се одржала на едукативен семинар во Канада во 2020 година, но не е јасно дали ги имало повеќе или се работи за изолиран инцидент.
Веста ја објавил Канал 4 во најавата за емисијата што ќе излезе во петок, пренесуваат медиумите, а од „Фајзер“ ги отфрлаат обвинувањата за поткопување на веродостојноста на вакцината на „АстраЗенека“ велејќи дека споменатата презентација погрешно му се припишува на американскиот фармацевтски гигант и дека тоа е спроведено од трета страна.
Споменатите презентации, наводно, биле дадени на канадски здравствени експерти во врска со технологијата што ја користи „Фајзер“ . Тие, како што пренесуваат агенциите, наводно содржат неколку слајдови полни со дезинформации, вклучително и тврдења дека технологијата на вакцини што ја користи „АстраЗенека“ може да доведе до вградување на вакцината во генетскиот код на пациентот и да предизвика тумори.
Шефот на тимот за вакцини на Универзитетот Оксфорд кој ја разви вакцината против Ковид-19 на „АстраЗенека“, сер Ендрју Полард, ги отфрли наводите и предупреди на опасностите од ширење дезинформации за вакцините.
Сè што ги тера луѓето да се двоумат околу вакцинацијата може да ги загрози нивните животи. Ова може да го поткопа влијанието врз одлучувањето на луѓето за сопственото здравје, но исто така може да создаде несигурност меѓу пратениците, објасни Полард.
Портпаролот на „Фајзер“ ги отфрли сите наводи.
„Ние ги отфрламе сите предлози дека „Фајзер“ има намера да ги поткопа научните достигнувања на другите“, рече тој.
Тој додаде дека „Фајзер“ финансирала независна агенција со независен научен комитет за создавање програма за едукација за вакцини во Канада, откако нивната вакцина била одобрена за употреба во таа земја.
Рече дека „Фајзер“ го сторил тоа поради бројните барања од канадски здравствени експерти.