Француската Агенција за јавно здравје препорачува вакцината против Ковид-19 на „Фајзер“ да им се дава на лица помлади од 30 години наместо вакцината на „Модерна“, која, како што анализираат експертите, дава релативно поголем ризик за проблеми со срцето.
Агенцијата што ја советува француската влада вели дека постојат многу ретки ризици од развој на миокардитис во случајот со вакцината на „Модерна“.
„Кај популацијата помлада од 30 години тој ризик се чини дека е петпати помал со вакцината на ‘Фајзер’ во споредба со вакцината на ‘Модерна’“, се вели во мислењето на агенцијата објавено во понеделникот.
Регулаторите во неколку земји, вклучително Канада, Финска и Шведска, исто така зазедоа порезервиран став за вакцината поради можни проблеми со срцето кај помладите луѓе.
Француската Агенција препорачува, сепак, вакцината на „Модерна“ да се користи за луѓе постари од 30 години бидејќи е поефикасна.
Европската агенција за лекови минатиот месец одобри бустер-доза од вакцината на „Модерна“ за сите возрасни групи постари од 18 години, најмалку шест месеци по втората доза.
ЕМА претходно оваа година објави дека идентификувала можна врска помеѓу реткото воспаление на срцето и вакцините на „Фајзер“ и „Модерна“ против Ковид-19. Сепак, беше потенцирано дека придобивките од двете вакцини засновани на технологијата на mRNA ги надминуваат ризиците.