Новиот сој на коронавирус А.30, откриен во Ангола и Шведска, е високоотпорен на антителата од вакцините на „Фајзер“ и „Астра зенека“, покажа ново научно истражување.
Тим научници од Германија го проучувале новиот вид коронавирус А.30, кој првпат беше регистриран во Танзанија, а потоа беше идентификуван кај неколку пациенти во Ангола и Шведска во текот на пролетта оваа година. Тие ги споредија мутациите на оваа варијанта со варијантите бета и ета. Бета е избрана затоа што има највисоко ниво на отпорност на антитела, објаснуваат германските научници.
Според нивната студија, видот А.30 покажал подобрена способност да навлезе во повеќето клетки домаќини, вклучувајќи ги и клетките на бубрезите, црниот дроб и на белите дробови.
Оваа мутација навлегува во одредени клеточни линии со зголемена ефикасност и избегнува неутрализација со антитела од вакцините „Астра зенека“ и „Фајзер“, покажаа резултатите од студијата.
А.30 исто така покажал отпор кон моноклоналниот лек „бамланивимаб“, кој се користи за лекување Ковид-19. Сепак, оваа варијанта покажа слабост за мешавината на „бамланивимаб“ и „етесевимаб“.
Светската здравствена организација во моментот не му придава преголема важност на новиот вид коронавирус поради неговата ниска распространетост.