Од денес па до 20 октомври сите што сакаат да ги испробаат своите вештини за правење забавни научни видеа, можат тоа да го прават под хаштагот #НаукаЗаДеца. И да добијат награда.
Едукативната платформа naukazadeca.mk, која е под покровителство на Фондација КАНТАРОТ, со желба да ја промовира научната култура во земјава, распиша отворен конкурс за едноминутни научни видеа под наслов: ЕДНА МИНУТА НАУКА.
Сите заинтересирани можат да направат видео на македонски кое на кул начин ќе објасни некој научен концепт (закон, правило, експеримент…). Видеото може да се објави на која било социјална мрежа со хаштаг #НаукаЗаДеца до 20 октомври. Како што велат од Наука за деца, најважно е видеото да биде и точно и „сочно“ – точно да го престави научниот концепт и да има момент на забава, досетливост или хумор.
Најдобрите видеа ќе бидат наградени со четири награди: Notebook Samsung Chromebook 4 Plus N4000 за најдоброто видео, Таблет Samsung Galaxy Tab A7 Lite T225 за видеото што ќе освои второ место, безжични слушалки Samsung Buds+ за третопласираното видео и Nintendo Switch, како специјална награда за популарност на ТикТок, за видеото што ќе собере најмногу лајкови.
За првите три награди ќе одлучува жири комисија составена од тим научници кои стојат зад платформата Наука за деца. Научниците детално ќе ги разгледаат сите видеа што ќе учествуваат на наградниот натпревар и ќе ги рангираат според горенаведените критериуми.
Добитниците на наградите ќе бидат објавени на 25 октомври. Сите детали за наградниот конкурс се достапни на: https://naukazadeca.mk/minuta/