Германската компанија „Бионтек“ ќе поднесе барање за одобрување на вакцина против корона вирусот, која ја развивале заедно со амерканскиот фармацевтски гигант „Фајзер“, а е наменета за деца од 5 до 11 години, рече извршната директорка Озлем Туречи.
„Во текот на неделата ќе ги предадеме резултатите од своето истражување за деца од 5 до 11 години на властите ширум светот и ќе поднесеме барање за одобрување на оваа вакцина за таа возрасна група и овде во Европа“, рече Туречи за магазинот „Шпигел“ објавен во петокот.
Таа рече дека компанијата со седиште во Мајнц, во западна Германија, почнала да го подготвува производството на вакцини за деца, кои се исти како за возрасните, но ќе се даваат во помали дози.
„Бионтек“ во моментот ги проценува податоците за помали деца, на возраст од шест месеци нагоре, а резултатите ќе ги претстави до крајот на годината.