Метеорит падна во реон околу градот Риека, во Хрватска, ноќта на 14 август, а стручњаците од Хрватското астрономско здружение проценуваат дека грутка од околу 150 грама завршила на земјата. Сепак, нема можности да се побара тоа, зашто областа е непроодна и опасна.
Огнената топка е снимена од камерите на Хрватската метеорска мрежа, но и Глобалната метеорска мрежа која има станици во Италија и Словенија, па дури и од Прага.
„Во својот најголем отсјај, огнената топка беше над Риека и беше светла како полна Месечина. Светлечката топка го започна својот лет… над Средна Европа на висина од 92,7 километри со брзина од 13 километри во секунда и заврши на висина од 23,2 километри по околу 8 секунди“, соопшти Здружението.
Според пресметките, при самиот пад останале околу 150 грама метеорит што сега е некаде во планините југоисточно од Риека, на непроодно подрачје. Потрага по каменот од Вселената нема да биде организирана.
– Не може да процениме колку би вредело ова на пазарот, бидејќи не знаеме од каков материјал е направено. Затоа треба да се најде, рече генералниот секретар на Здружението, Доријан Божичевиќ.
Најевтините метеори обично вредат неколку евроценти за грам. Највредни се грутките од Марс, кои се и најретки.