„Делта сојот на коронавирусот е една од најзаразните респираторни болести која научниците ја виделе досега“, изјавила вчера директорката на Центарот за контрола и превенција на болести.
Варијантата е многу заразна, главно поради тоа што луѓето кои се заразени со делта сојот носат до 1.000 пати повеќе вируси во себе, за разлика од заразените луѓе со оригиналниот сој, покажале новите податоци.
„Делта сојот е поагресивен и многу попренослив од претходните соеви во циркулација“, изјавила директорката д-р Рошел Валенски за новинарите вчера.
„Тоа е еден од најзаразните респираторни вируси за кои знаеме и кој сум го видела во својата 20-годишна кариера“, додала таа.
Делта сојот брзо се шири во САД, па моментално е забележан кај над 83 отсто од испитаните случаи.
„Овој вирус нема да попушти и ќе продолжи да трага по следните ранливи личности кои ќе ги зарази“, изјавила Рошел Валенски.
Вирусот се пробива низ американските окрузи во кои е ниска стапката на вакцинирани луѓе, додека пак во областите со висока стапка на вакцинација забележан е помал процент на заразени луѓе со делта сојот.
Во болниците ширум САД 97 отсто од луѓето кои се примени со симптоми на Ковид-19 се невакцинирани, а 99,5 отсто од сите смртни случаи исто така биле невакцинирани луѓе.