Делта-сојот на коронавирусот со забрзано темпо се шири во светот, предупредуваат експертите и тие се загрижени токму од овој факт.
Според нив, делта-сојот, иако не е посмртоносен, дава поинаква, но не и потешка клиничка слика, но таа е само една во низата мутации на Ковид-19.
Последниот мутиран вид, кој ни се заканува по делта-сојот, е т.н. ламбда-вирус, кој почна да се шири од Латинска Америка и веќе е пронајден во 29 земји во светот.
Пред една недела овој вид од Андите, попознат како варијанта Ц37, беше класифициран од Светската здравствена организација во категоријата „под опсервација“ бидејќи доведува до честа инфекција и се појавува истовремено во неколку земји, пишуваат медиумите.
Експертите предупредуваат дека оваа варијанта на вирусот сè уште не е доволно истражена, но има индикации дека тој се пренесува дури и побргу од другите познати соеви.
Според нив, видот ламбда сè уште не е доволно познат и сè уште не е докажано дали овој вид дава потешка клиничка слика, а се претпоставува само дека се пренесува побргу.
Ефектот на вакцината врз овој вид допрва треба да се утврди, како и ефектот на стекнатите антитела врз него. Експертите посочуваат дека вирусот од Јужна Америка се проширил во светот, па дури и во некои делови од Европа.
Вирусот ламбда се прошири во целиот свет, го има и во Германија, Италија, Англија, Австралија. Иако последиците сè уште не се познати, дефинитивно, се шири бргу.
Хаиро Мендез-Рико, експерт за вирусни заболувања во Светската здравствена организација, изјави дека засега нема индикации за агресивно однесување на оваа варијаната.
„Сите одобрени вакцини, генерално, се ефикасни против сите варијанти на коронавирусот кои се во оптек во целиот свет. Нема причина да се претпостави дека тоа не е случај со ламбда-сојот“, вели тој.