Се верува дека Зора, врз основа на коските и забите, била стара помеѓу 15 и 18 години кога починала.
Научниците со помош на современа технологија успеаја да направат реконструкција на ликот на девојка, за која се претпоставува дека имала од 15 до 18 години кога починала. Останките беа најдени во пештера во Грција во 1993 година и се претпоставува дека се стари 9.000 години.
Силиконскиот модел беше направен со примена на компјутерска томографија и технологија за 3D принтање.
Девојката го доби името Авги, грчкиот збор за „зора“, бидејќи живеела во периодот Средно камено доба (мезолит) во 7000 година пред н.е. што се смета за „Зора на цивилизацијата“.
Според научниците од Универзитетот во Атина, нејзините останки укажуваат дека имала истурена вилица, што можеби било предизвикано од џвакање животинска кожа за да се омекне; Авги била анемична и имала недостиг на витамини; можеби имала потешкотии во движењето поради проблеми со колкот или зглобовите, а тоа најверојатно придонело за нејзината рана смрт.
Според датирањето на нејзините коски, се претпоставува дека имала 15 години кога умрела, но датирањето на забите покажува дека имала 18 години. Другите карактеристики на лицето, како тенот и бојата на очите, биле одредени според сознанија за општите карактеристики на населението од тој период и географска област.
На прашањето зошто моделот на нејзиниот лик има гневен израз, професорот по ортодонтика Манолис Папагрикоракис одговори: „Во тоа време било невозможно да немаш гневен израз на лицето.“
Нејзините останки беа најдени во пештерата Теопетра, централна Грција, каде исто така биле најдени предмети и останки од периодите Старо камено доба (палеолит) и Младо камено доба (неолит).
На реконструкцијата работеше меѓународен тим научници во шведска лабораторија специјализирана за реконструкција на човечки останки.
Ликот на Авги ќе биде изложен во музејот Акрополис во Атина.
Тимот исто така направи реконструкција на ликот на 11-годишната Миртис, која починала во 5. век пред н.е. на територијата на денешна Атина.