Колку пати ви се случило да го заборавите полначот, а батеријата ви е празна? Позајмувањето туѓ полнач можеби ви изгледа како добро решение, но прашање е дали тоа навистина е корисно за вашиот телефон?
Нормално е да се прашувате дали сите достапни полначи на пазарот се соодветни за вашиот уред и дали би го оштетиле ако го приклучите на послаб или на посилен полнач. Одговорот на ова прашање го пронајдоа мајсторите од HowtoGeek.
Но, пред да преминеме на нивните совети, треба да разјасниме какви полначи имаме на располагање.
Полначи за лаптопи
На ова технолошко поле веќе подолго време нема установен конкретен стандард, што значи во случај на губење или дефект ќе мора да набавите нов полнач наменет само за вашиот уред. Производителите се прилично свесни за ова, па изработуваат конкретни приклучоци за полначите на специфични модели – за да не се збунат корисниците. Со воведувањето наUSB-C стандардот, овој обичај полека почнува да се менува.
Apple Lightning
„Епл“ користи специфичен конектор под наслов Lightning, кој официјално е воведен во 2012 година. Сите нови iOS-уреди го користат овој конектор, кој се спојува на специфично конструиран Lightning-полнач. Постарите производи од „Епл“ користеа конектор со триесет пинови за кој постои адаптер, во случај ако сакате да користите Lightning.
Micro-USB
Ова е, така да кажеме, ’стандардот‘ кој многу модели на телефони и таблети го користат со години. Микро-USB е наследник на Мини-USB, стандардот што го користеа постарите уреди. За да се усогласи со законските регулативи на Европската Унија, „Епл“ мора да ги испорачува своите уреди со адаптер за Lightning Микро-USB.
USB-C
USB Type-C, односно USB-C е конектор со голема проточност на податоци и солидна брзина на полнење. Овој стандард ефикасно го замени Микро-USB на повеќето уреди, освен оние на „Епл“. Неговата практична страна полека го воспоставува како многу добро решение за голем број различни модели на лаптопи.
Можеме ли да користиме различни полначи за ист уред?
Најкраткиот одговор би бил –„да“, иако многу веројатно ќе имате различен резултат од тоа. На пример, некои послаби полначи ќе ги полнат уредите многу побавно. Имено, голем број уреди можат да „издржат“ брзо полнење, но водете сметка полначот да биде компатибилен.
Лаптопите се сосема поинаква приказна. Ако имаат посебно конструиран конектор за полнење, не се советува да се користи ништо друго освен официјалниот полнач. Ако купите лаптоп кој поддржува USB-C, тогаш се отвора ново прашање: може ли да се користи полначот за лаптоп за полнење на смартфонот и може ли полначот за смартфон да се користи и за полнење на лаптопот?
Краткиот одговор гласи – „може“. Полначот за смартфон по правило е преслаб за лаптопи, но технички би можел да се најде во итен случај за полнење на испразнет уред – само што целиот процес е прилично бавен. USB-C полначот може да се користи за полнење на смартфонот, со тоа што пред вклучување треба добро да се прочитаат инструкциите.
Во принцип, полначот за лаптоп ќе „комуницира“ со мобилниот телефон и ќе ја препознае максималната дозволена брзина на полнење, што е многу поволен и корисен трик.
Никола Бурагев