Во јавноста се појавија првите детали за специјалниот извештај за НЛО, што американскиот Конгрес треба да го добие подоцна овој месец. Според неименувани извори цитирани од американските медиуми, во истиот, американските разузнавачки експерти заклучиле дека не постојат докази дека станува збор за вонземска технологија.
Долго очекуваниот извештај за НЛО што треба да пристигне во Конгресот на САД кон крајот на овој месец, меѓу заклучоците ќе има и дека предметите од снимките на морнарицата кои биле направени во последните неколку години не се тајна американска технологија, наведува еден од изворите, пренесува CNN.
Станува збор за пет неименувани извори запознати со резултатите од извештајот, чии детали први ги објави Њујорк Тајмс.
Иако во извештајот е заклучено дека не станува збор за вонземска технологија, бидејќи нема докази за тоа, три од петте извори тврдат дека истиот извештај ќе остави можност дека станува збор за вонземска технологија, секако, доколку се најдат докази.
Во извештајот исто така ќе биде наведено дека не може да се исклучи можноста тоа да се објекти на американските противници, претежно Кина или Русија, што може да биде најлошото сценарио, бидејќи тоа би го ставило прашањето за американската национална безбедност веројатно меѓу најлошите проблеми.
“Вознемирувачко е без оглед на кој начин го гледате, знаете. Дали е вонземски живот или нашите противници или некој други кои имаат способности кои надминуваат сè што имаме во однос на разбирање, следење и запирање на заканата? Од која страна и да погледнете, работата е многу лоша”, вели Мајкл Волц, републикански член на Комитетот за вооружени сили.
Секој што се надева на барем малa потврда за вонземски контакт, веројатно ќе биде разочаран по официјалното објавување на извештајот, но самиот факт дека американската војска и разузнавањето се вклучуваат во сериозна дебата на оваа тема е дефинитивно чекор напред.
Извор: Zimo.hr