Фондот за иновации и технолошки развој и УНИБанка потпишаа Меморандум за меѓусебна соработка, со кој се отвораат нови можности за финансирање и олеснување на пристапот до финансиски средства за микро, малите и средни претпријатија. Најголем дел од поволностите и овој пат ќе бидат обезбедени за старт-ап компании.
Од соработката, бенефит ќе имаат компаниите – апликанти за кофинансирани грантови на ФИТР, за кои банката би обезбедила дополнителна финансиска поддршка во делот на сопствено кофинансирање преку поповолни услови од редовните. Олеснување ќе добијат и компаниите кои аплицирале, но не им било одобрено кофинансирање од Фондот
„Истражувањето кое го објавивме минатата недела покажа дека над 70 отсто од стартап компаниите во државата, во фазата на развој на бизнисот имаат потреба од дополнителни финансиски средства и токму тогаш најголема поддршка добиваат од страна на Фондот за иновации и технолошки и развој. Во Северна Македонија имаме стартапи со светски идеи и услуги и токму тоа е главниот мотив кој не движи да работиме со полна пареа за да им обезбедиме олеснувања при реализирање на бизнис плановите и пласман на глобалните пазари. На мое огромно задоволство УНИБанка станува четврта банка партнер на ФИТР која верува во домашните иноватори а наскоро ќе ни се придружи и уште една голема банка.“ изјави Коста Петров, директор на Фонд за иновации и технолошки развој.
Пакетот „УНИ Иновација” вклучува: 6 месеци без надомест електронско банкарство со уникатни бизнис Е-пакети, наменска сметка без надомест за одржување за првите 6 месеци, услуга „Мој Банкар” без надомест, како и маркетинг поддршка преку канали на банката. Имено, за сите корисници преку овој пакет, ќе бидат обезбедени бесплатни промотивни активности.
Во однос на кредитната поддршка, компаниите би добиле поволности преку инвестицискиот кредит „БИЗНИС 12-ка”, со флексибилна отплата до 12 години, грејс период до 12 месеци и со повластени каматни стапки. Компаниите исто така можат да аплицираат за дозволено пречекорување overdraft во износ до 10% од годишните приливи со поволни услови . Предност при користење на овие поволности ќе имаат компаниите кои доаѓаат од индустриите фармација и медицина, ИТ и телекомуникации, храна и обновливи извори на енергија.
„Обострано е задоволството од потпишувањето на Меморандум за соработка помеѓу ФИТР и УНИ Банка. Убедени сме дека микро, малите и средните компании се тие кои ќе имаат значителен бенефит од оваа соработка. Со долгогодишно искуство, профилирани како Банка на клиентот, точно ги препознаваме потребите на компаниите, фазите на развој, инвестициските циклуси, финансиските потреби и севкупните предизвици со кои тие се соочуваат. За таа цел, во соработка со ФИТР, за дополнителна поддршка на компаниите, го промовираме пакетот УНИ ИНОВАЦИЈА.“, изјави Виктор Филиповски, Директор на Дирекција корпоративно банкарство во УНИБанка.
Филиповски додаде дека во пакетот би ја издвоиле услугата МОЈ БАНКАР, каде назначуваат Личен Банкар за секоја од овие компании, кој ќе овозможи професионално финансиско советување без надомест и непосредно водење низ целиот процес за успешна реализација на инвестицијата.
Дополнително, за компаниите иноватори, преку електронското банкарство, банката ќе овозможи повеќекратна заштеда, при извршување на редовните банкарски трансакции.
Кредитната поддршка на компаниите иноватори, ќе биде со флексибилни услови, согласно специфичностите на проектот и карактеристиките на бизнисот на самата компанија. Во таа насока, во пакетот е вклучен долгорочниот и флексибилен кредитен продукт БИЗНИС 12-ка како и овердрафтот за поддршка на тековната ликвидност на компаниите.
Во наредниот период, УНИБанка во соработка со ФИТР ќе организира едукативни и промотивни активности поврзани со можностите за финансирање на домашните компании од страна на банката и ФИТР, зголемување на финансиската писменост, со цел олеснување на пристап кон финансиските средства, олеснет бизнис развој и комерцијализација на иновации.
Повеќе информации за бизнис пакетот „УНИ Иновација” можат да се најдат на следниот линк: https://unibank.mk/mk/news/60aca2e2131ccb00179d46be