Секој возач, без разлика колку е искусен или не, може да придонесе за поголема безбедност во сообраќајот. Затоа, да се потсетиме на неколку работи кои возењето го прават побезбедно и за нас и за останатите учесници во сообраќајот.
Биди внимателен – постојано следи што се случува во сообраќајот пред и околу тебе, внимавај на движењето на пешаците и велосипедите и биди подготвен за итна реакција.
Не прави претпоставки – не претпоставувај што би направиле останатите возачи или што ти мислиш дека би требало да направат, така нема да се најдеш во ситуација да бидеш изненаден од нечија реакција.
Користи трепкачи – секогаш користи ги трепкачите за да најавиш промена на движењето, без разлика дали е свртување, престројување, запирање или исклучување… така ќе бидеш сигурен дека останатите возачи знаат кои се твоите намери.
Безбедносен појас – иако казната за неносење појас е симболична, безбедносниот појас може да ви го спаси животот.
Внимавај на сообраќајните светла и знаци – да се потсетиме, на знакот стоп каде возилото целосно треба да го запрете, додека жолтото светло на семафорот не значи да се забрза за да поминете, туку да се подготвите за запирање.
Не пишувај на мобилен додека возиш – никогаш не користи мобилен телефон додека возиш, одвлекувањето на вниманието е една од најчестите причини за сообраќајни незгоди во градска средина. Тука спаѓа и зборување на мобилен, менување музика, жесток разговор со сопатникот.
Приспособи се на временските услови – кога времето е дождливо, има магла или снег, задолжително фокусирај се повеќе на возењето и намали ја брзината на движење од вообичаеното, без разлика колку добро го познаваш патот.
Трпение – најголем број несреќи се случуваат поради возачи кои брзаат. Иако времето на патување е важно, сепак, поважна е безбедноста. Запомнете дека и најмала несреќа, значи дека можеби нема воопшто да стигнете до посакуваната дестинација.
Почитувај предност на минување – кога другите возачи имаат предност на минување, задолжително пропушти ги. Сепак, не прави претпоставка дека сите секогаш кога треба ќе ти дадат предност, па без разлика кој има предност, внимавај на останатите возачи.
Планирај го патот на движење – однапред испланирај по кој пат ќе одиш. Со новата технологија при изборот на пат може да ја одбереш рутата со најмалку гужва, а со тоа и нема да се најдеш во ситуација да импровизираш со ненадејно менување ленти.
За крај, запомни дека патот го делиш со сите други – секогаш имај на ум дека не си единствен возач на патот и затоа однесувај се со почит кон останатите и внимавај со своите постапки (паркирање на празна лента или тротоар) да не го ограничуваш правото на останатите учесници.