Во предвечерието на еден од најголемите саеми за технологија, CES, корејската компанија LG го претстави својот прв 4К проектор. Уредот го носи името HU80KA 4K UHD. Од LG сеуште ја немаат објавено цената, но според нив проекторот е „по достапна цена, но со премиум квалитет“.
HU80KA е компактен уред и може да биде поставен на подот, на таванот или на страничен ѕид. Проекторот може да прикаже слика од 3.8 метри во дијагонала (150 инчи) со осветлување од 2500 лумени. Проекторот има два вградени звучници од по 7 вати, но за подобар квалитет на звукот, може да го поврзете со друг уред преку оптичка врска, HDMI или преку bluetooth.
Освен можноста да поврзете некој екстерен уред од кој ќе се емитува филмот или серијата, овој проектор како оперативен систем користи webOS 3.5 и има вградено разни стриминг апликации (Netflix, Sling TV, Amazon Prime Video, Hulu и други). На проекторот може да приклучите и USB меморија, на која може да ги имате вашите фотографии, снимени видеа или пак филмови.