Ризикот едно лице да се зарази со коронавирусот е значително помал по примaње на една доза од вакцините на „Астразенека“ и „Фајзер“, покажа британско истражување.
Вакцината дала добар одговор кај луѓе постари од 75 години, лица кои имаат хронични болести, како и кај други.
Британската Служба за национална статистика (ОНС) и Универзитетот во Оксфорд утврдија уште посилен имунолошки одговор кај сите луѓе по две дози.
Истражувачите, поделени во две студии кои сè уште не се прегледани и објавени, ги темелеле своите резултати врз основа на тестови за коронавирусот кај 370.000 луѓе во Велика Британија, што е најголемата студија досега.
Во првата студија, луѓето кои биле вакцинирани со една доза на Астра Зенека или Фајзер имале 65 проценти помали шанси да се разболат од Ковид-19.
Три недели по првата доза, почнувајќи од декември 2020 година и почетокот на април 2021 година, бројот на симптоматски инфекции паднал за 74 проценти, додека бројот на асимптоматски инфекции паднал за 57 проценти.
Луѓето кои примале две дози на Фајзер имаат 90 проценти помали шанси да бидат заразени со коронавирусот, но процентот не може да се утврди за Астра Зенека затоа што малку луѓе учествувале во студијата, со оглед на тоа што интервалот меѓу двете дози е 12 недели, а и вакцинирањето со овој лек почна подоцна.
Студијата покажа дека и двете вакцини се ефикасни против британската мутација на коронавирусот.
Д-р Коен Паулс, истражувач на Универзитетот во Оксфорд, вели дека податоците ја поддржуваат одлуката за продолжување на јазот помеѓу дозите.
„Заштита од нова зараза добиена со единечна доза ја поддржува одлуката да се продолжи времето помеѓу првата и втората доза на 12 недели со цел да се зголеми првичната покриеност на вакцинацијата и да се намали бројот на хоспитализации и смртни случаи“, вели тој.
Сепак, нагласува дека податоците покажуваат оти сè уште постои можност вакцинираните лица повторно да се заразат со „Ковид-19“ и да ја пренесат заразата на други лица, нагласувајќи дека е потребно да се одржува физичка дистанца и да се носи маска.
Извор: Макфакс