„Пост Ковид обнова во заштитените подрачја” е една од темите кои ја означија неделата во која го одбележуваме Денот на Планетата Земја (22 април). Светскиот фонд за природа (WWF) и Министерството за животна средина и просторно планирање организираа онлајн настан за изнаоѓање на решенија и насоки за надминување на бројните предизвици кои произлегоа од пандемијата.
„Едно од позабележителните влијанија секако се економските последици како резултат на ограничувањето на туристичките активности во заштитените подрачја. Ваквите ефекти најмногу ги погодија заштитените подрачја кои првенствено се ориентирани кон приходите од туризам. Рестриктивните мерки се менуваа со текот на времето, така што ефектите на пандемијата врз заштитените подрачја се променија, што многу често ја прави целата ситуација уште посериозна и комплексна за управителите“, се вели во извештајот на „Паркови Динариди” за состојбата со Ковид и заштитените подрачја кој беше презентиран од Јелена Маројевиќ.
Загубите од туризмот во заштитените подрачја имаат негативно влијание врз локалните заедници кои живеат во туристичкиот сектор. Постои вистински страв дека поради неповолните туристички и економски трендови, тие можат да се свртат кон неодржливо користење на други природни ресурси во заштитените подрачја.
„Кога станува збор за управување и зачувување на заштитените подрачја, претпоставките се дека сегашната пандемија и нејзините последици можат да ги поткопаат децениските напори за зачувување на природата и воспоставање ефективен систем на заштита и управување. Особено во период кога бележиме големи успеси во прогласувањето на нови подрачја, ризиците од пандемијата можат да бидат уште посериозни. Затоа е потребна заедничка и синхронизирана акција за заштита и унапредување на природното наследство во комбинација со ефективна поддршка на управителите на нашите заштитени подрачја“, изјави Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.
На виртуелната работилница свои презентации имаа претставниците од македонските национални паркови. Тие подеднакво се сложија дека финансиската поддршка за управувањето со националните паркови недостасува, но е од огромно значење за успешното функционирање и заштита на подрачјата, при што упатија апел до државните институции за отпочнување со државно финансирање на заштитените подрачја.
„На заштитените подрачја мора да им се пружи потребната помош и поддршка. Како за бизнисите, така и за јавните установи финансиска поддршка во време на пандемија е од есенцијално значење за продолжување на функционирањето на националните паркови и други заштитени подрачја. Дополнително, поддршката ќе овозможи јавните установи да развијат нови алтернативни начини за наплата на туристичките и еколошките услуги кои можат да ги понудат, а со тоа ќе ги намалат потребите од комерцијална сеча- нивниот главен извор на финансии. Само на ваков начин ќе успееме да ја трансформираме економијата во заштитените подрачја и да обезбедиме одржливост и отпорност кон идните предизвици“, заклучи Ана Чоловиќ Лешоска од Еко-свест која за WWF работи како координаторка за политики.