Купувачите коишто сакаат да набават нов автомобил во САД главно имаат три опции – бензинец, бензинско-електричен хибрид или потполно електрично возило. Меѓутоа, овојпат се појавува и четврта опција – автомобил на водорот, за којшто некои производители сметаат дека ќе биде гориво на иднината.
Toyota го лансираше својот модел Mirai уште во 2014-та година, но досега се продадени само околу 4.000 вакви возила на водородни ќелии. Претседателот на јапонскиот производител, Такеши Учијамада, сепак е убеден дека водородните горивни ќелии ќе бидат технологија којашто ќе ги придвижува автомобилите во иднината – возила коишто апсолутно нема да ја загадуваат животната околина и секако, нема да емитуваат штетни гасови.
– Мораме да земеме предвид две главни нешта. Прво, како да создадеме општество со помала емисија на јаглероден диоксид. А второто нешто е да се обезбеди стабилен извор на енергија за во иднина. Имајќи го тоа предвид, водородот поседува огромен потенцијал.Водородните горивни ќелии функционираат на принципот на мешавина на водород со кислород од воздухот, а потоа се создава електрицитет за да се направи придвижување на моторот. Нема издувни гасови, а единствено нешто што се емитува се електрицитет, топлина и вода.
– Водородот е секако попогоден за корисниците, за разлика од електричните возила, бидејќи возната автономија е подолга, а потребно е исто време за автомобилот да се наполни со водород, колку што е потребно за да се наполни и со бензин, на пример.
Или попогоден во теорија, но во реалноста во САД постојат само мал број на водородни станици. Исто така, таквите возила се значајно поскапи од електричните или хибридните.
– Изгледа дека е возможно. Кога би можеле да се модернизираат во присуство на технологија за масовно производство, тогаш овие возила би можеле да добијат поголема популарност. Но, тешко е да се каже бидејќи навиките на нашето општество се длабоко вкоренети, а она што го знаеме се бензин и електрични возила, потенцира Џозеф Капарела од магазинот Car and Driver.
Тимот на Toyota објави дека сака да продаде 30.000 автомобили на водородни ќелии до 2020-та година. Крајната цел е емисијата на штетни гасови од возилата на оваа компанија до 2050-та година да се намали за 90 отсто во однос на нивото од 2010-та година, потенцира The Washington Post.
Извор: B92.net