„Добрите програмери сакаат две работи: да бидат добро платени и да работат на напредни, иновативни софтверски решенија. Во Synami двете овие потреби им се задоволени“, вели Игор Лештар, македонски ИТ претприемач, инвеститор и сопственик на ИТ компанијата „Синами“ во интервју за Фактор.мк
ИТ компанијата „Синами“ за која пишувавме минатиот месец веќе буди голем интерес кај програмерите. Впрочем, компанијата е присутна речиси 20 години на пазарот како дел од групацијата на „Сеавус“, меѓутоа по аквизицијата на „Сеавус“од страна на чешката групација АРИКОМА, „Синами“ се ребрендира, и со нова енергија и нова визија, продолжува да ги освојува светските пазари.
Но, она што е интересно е дека компанијата одлично се позиционира и како одличен работодавач во ИТ секторот, привлекувајќи голем број ИТ професионалци. На нивната страница за кариера, како и на LinkedIn профилот на „Синами“редовно се наоѓаат огласи за искусни ИТ програмери, а она што најверојатно ги привлекува е дека компанијата нуди удобна, пријателска работна средина, континуирани можности за личен и професионален развој, можности за работа од дома итн.
Меѓутоа, како што вели сопственикот на „Синами“ Игор Лештар, инаку ИТ претприемач и инвеститор кој досега во најголема мера беше препознаен како првиот човек на „Сеавус“, компетитивните плати и континуираната поддршка за развој на вработените не се единствените причини кои ги привлекуваат ИТ професионалците. Како што вели тој во интервју за Фактор.мк, добрите програмери сакаат две работи: да бидат добро платени и да работат на напредни, иновативни софтверски решенија. За нив не претставува предизвик да работат на проекти кои се повторуваат или кои се од техничка природа. Во „Синами“ тие имаат можност да експериментираат со нови технологии и да работат на, како што се вели, „cutting edge“ продукти.
„Секако дека нашата стратегија за развој, меѓу другото, се темели и на силно вложување во нови ИТ кадри и во постојан развој на постоечките, меѓутоа, она што нè издвојува е дека во ‘Синами’ работиме на исклучително технолошки напредни продукти кои се предизвик за секој ИТ професионалец“, вели Лештар и додава дека нивните тимови се вклучени практично во целиот процес на развивање на еден производ, односно од самата идеја, преку акциониот план, па сè до комплетната реализација.
Дополнителна предност е и тоа што во „Синами“ тие имаат можност да работат за светски познати брендови, а во нивното портфолио клиенти се вбројуваат дури 70% од најуспешните компании според Fortune 500. „Овде зборуваме за портфолио клиенти како Airbus, Rolls Royce, McLaren, SAP, Tesla и слични профили на клиенти од многу различни индустрии со просечна големина од 40.000 вработени“, објаснува Лештар.
Сè ова е предизвик за програмерите, делува атрактивно во нивното ИТ резиме и претставува одлично искуство и влог во нивниот професионален развој. А „Синами“ и како компанија е насочена да гради силна синергија со својот тим во сите аспекти, па оттука и кадрите се мотивирани, имаат амбиција за успех и порив да се направи повеќе.
На крајот, доколку ја гледаме големата слика, всушност токму човечките ресурси со кои располага компанијата, но и огромното искуство во развој на производи за проектен менаџмент и знаењето што го имаат стекнато работејќи на развој на продукти кои се користат во некои од најголемите компании во светот, се најголемата предност на „Синами“ и основата на бизнисот. Ова им овозможува да ги предвидаттрендовите и потребите на пазарот, да осмислуваат нови продукти кои ќе одговорат на предизвиците што ги носи новото време, а сè ова секојдневно отвора и нови можности кои „Синами“ се подготвени да ги искористат, па веќе во оваа година планираат раст од 50% по бројот на вработени, заклучува Лештар.