Летачките автомобили се интересен концепт, кој од футуристичка идеја може да пристигне доста побрзо отколку што очекувате. Многу компании веќе развиваат прототипови, но ќе бидат потребни години пред секој од нас да ги користи во секојдневниот живот.
„Hover Coupe“ е импресивен прототип на летачки автомобил кој се напојува со четири млазни мотори и дизајн инспириран од луксузот на „Tipo 8“ од 20-тите години на минатиот век.
Моделот за кој станува збор остава впечаток со неговиот дизајн и способности, а креаторите го дизајнирале да се натпреварува со „Rolls Royce“. Концептот „Hover Coupe“ го развива италијанскиот дизајнер Пиерпаоло Лазарини, кој сака да го направи најдобриот и најбрз летачки автомобил во светот, коментира „Mirror“. Машината може да полета во вертикална насока од која било статичка положба и развива максимална брзина од 550 км/ч.
Должината на „Hover Coupe“ е 4500мм, со систем за возење што му овозможува максимално маневрирање на летачкиот автомобил и брзо го менува правецот на летање.
Лазарини додаде дека овој проект сѐ уште е во почетна фаза и бара начини за подобрување на неговиот дизајн и способности. Во секој случај, можеме да кажеме дека „Hover Coupe“ е еден од најимпресивните концепти во ова поле што сме ги виделе досега.