Можеби најголемата разлика помеѓу животот сега и животот на една генерација пред нас е дека ние константно сме поврзани еден со друг преку интернет.

Мобилните телефони од кои што сме зависни и без кои не можеме да живееме испуштаат електромагнетно зрачење. Одделот за јавно здравје на американската држава Калифорнија издаде упатства за безбедно користење на мобилните телефони.

„Иако науката сè уште се развива, постои загриженост помеѓу здравствените стручњаци за последиците од долгорочно, зголемено изложување на енергија што ја емитуваат мобилните телефони“, вели д-р Карен Смит, директорка на калифорниското одделение за јавно здравје.

Пред една година професорот Џоел Московиц од Универзитетот „Беркли“ покренал тужба за да го натера одделението да ги објави откритијата од истражувањето дали употребата на мобилни телефони го зголемува ризикот од тумор. Нацрт-документите се објавени во март, но финалната објава е далеку поопширна.

„Производителите на мобилни телефони сакаат да го држите телефонот на минимална оддалеченост од вашето тело, а вие треба да откриете која е таа оддалеченост. Ако го држите веднаш до телото, ќе ја прекршите границата на безбедност“, вели Московиц.

Според Федералната комисија за комуникации, не постои национален стандард за граници на безбедноста. Но агенцијата бара од производителите на мобилни телефони да обезбедат сите телефони да се во согласност со објективните граници за безбедно изложување.

Одделението за јавно здравје препорачува да не го носите телефонот во џебот, да не го држите директно на уво подолго време, да го користите колку што е можно помалку, да не спиете близу него и да бидете свесни дека вашиот телефон – ако се наоѓате во автомобил, автобус или воз, ќе емитува повеќе радиофреквентни бранови за да ја одржува врската
„Суштината на истражувањето е дека зрачењето на мобилните телефони претставува голем ризик за здравјето“, истакнува Московиц.