Преку програмата ќе биде обезбедено и поврзување на стартапите со агробизниси и земјоделци кои може да бидат корисници на иновативните решенија
Фондот за иновации и технолошки развој и Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ), потпишаа Меморандум за соработка со кој ќе се обезбеди директна менторска поддршка за побрза комерцијализација и примена на проектите кои ќе бидат одбрани преку јавниот повик Предизвик за дигитализација на земјоделството на ФИТР.
Преку програмата ќе биде обезбедено и поврзување на стартапите со агробизниси и земјоделци кои може да бидат корисници на иновативните решенија.
„Нашата држава ги следи примерите на развиените земји во кои дигитализацијата веќе се воведува и во најделикатните сегменти на земјоделството. Обезбедените финансиски средства за напредните старт-апи кои веќе имаат развиен прототип на иновативен производ или услуга е нашиот прв крупен исчекор кон воведување на современа технологија во земјоделството. Овој тип на соработка со ИМЕ е од особена важност бидејќи поддршката на ФИТР не завршува со доделувањето на средствата туку со суштинска помош низ сите фази на имплементирање на проектите.“, изјави Коста Петров, директор на Фонд за иновации и технолошки развој.
ИМЕ ќе организира индивидуални менторски средби со цел детектирање на функционалностите на предложените решенија, презентирање на бенефитите, обезбедување на повратна информација од секторот за подобрување на решението и иницијален интерес за комерцијално користење.
„Соработката меѓу ФИТР и ИМЕ е потврда за заедничката заложба за модернизација и дигитализација на агробизнис секторот. Поддршката на иновативни дигитални решенија ќе придонесе кон употреба на напредни агротехнички мерки во одгледувањето на земјоделските култури, зголемена продуктивност и зголемени приходи за земјоделците како и користење на паметна технологијата во пост-бербените активности и финализација на производите со додадена вредност. Модерно и ефикасно производство ќе значи намалени загуби и отпад, зголемена конкурентност на македонските производи за извоз, како и зголемена заштита на животната средина. На овој начин Швајцарската програма ИМЕ придонесува во забрзан раст на агробизнисите и можности за отворање нови и квалитетни работни места во секторот.“ посочи Горан Дамовски, тим лидер на проектот ИМЕ.
Рокот за аплицирање на Предизвикот за дигитализација на земјоделството е до 16.04.2021 година. Сите дополнителни информации можат да се добијат на: https://fitr.mk/agrodigital/.
Поврзани артикли