Француските власти константно го криеле погубното влијание на нивните нуклеарни тестови на островите во Француска полинезија во 60-те и 70-те години од минатиот век, покажуваат најновите истражувања врз чија основа повеќе од 100 илјади луѓе би можеле да побараат обесштетување.
Од 1966 до 1996 година, француската армија на островите во Француска Полинезија извела 193 нуклеарни тестирања, од кои 41 биле во самата атмосфера, поради што локалните жители, но и француските војници биле изложени на високо ниво на радијација.
Анализирајќи ги податоците на француското министерство за одбрана на 2 илјади страници на кои неодамна им беше отстранета ознаката за тајност, како и мапи, фотографии, разни записи и сведочења на луѓе, истражувачите реконструираа три клучни нуклеарни тестови и размерите на нивната радијација.
Утврдено е дека тестирањата биле извршени во 1966, 1971 и 1974 година и биле многу поголеми од тоа што било официјално наведено од француската армија.
„Државата многу се трудеше да го отстрани токсичното наследство на овие тестови. Ова е првиот вистински научен обид да се измери обемот на штетата и да се потврдат илјадници смртни случаи како последица на француските нуклеарни експерименти на Пацификот“, изјави Џефри Ливолси, уредник на истражувачкиот медиум „Дисклоуз“ кој меѓу другите учествуваше во истражувањето.
Францускиот институт за здравје и медицинско истражување неодамна објави извештај за здравствените последици од тестирањата, тврдејќи дека не може со сигурност да се заклучи дека постои врска помеѓу нив и бројните случаи на карцином на островите.
Според извештајот, последниот француски тест на бомбата наречена „Кентаур“ сугерира дека официјален Париз ја потценил контаминацијата на Тахити за дури 40%, а тоа негативно влијаело на здравјето на десетина илјади граѓани.
Доверливи извештаи од полинезиското министерство за здравство откриваат дека околу илјада починати после нуклеарните тестови примиле доза на радијација пет пати поголема од тоа што се проценувало. Истражувачите проценуваат дека целата популација на Тахити и другите острови, вкупно околу 110 илјади луѓе, само поради еден тест биле изложени на прекумерно ниво на радијација.
Истражувачите напоменуваат дека 2 илјади од 6 илјади француски војници кои учествувале на тестирањата во периодот од 1966 до 1974 година добиле некаков облик на канцер.
Франција до 2010 година немаше формирано комисија за обесштетување на цивилните и воените жртви, а заинтересираните мора да докажат дека живееле во тоа време во Француска Полинезија и дека се заразиле со еден од 23-те видови на карцином кои се признаваат како резултат на радијацијата, за да добијат обесштетување.
Досега обесштетување добиле само 454 лица, додека над 80 барања се одбиени. Според истражувачите, заинтересираните немаат доволно медицински информации за да го пополнат барањето, ниту пак средства за да го утврдат точното ниво на радијација на кое биле изложени.