Фондот за регионални предизвици го објави регионалниот повик за поддршка на инвестиции во кооперативна обука, во износи од 150.000 до 600.000 евра, со вкупен фонд на средства за користење од 18,8 милиони евра.
Настанот што го најави почетокот на овој огромен регионален проект ги собра претставниците на меѓународните организации и иницијативи, регионални организации, јавни институции задолжени за стручно образование и обука, стопански комори, даватели на стручна обука, претпријатија. Фондот има за цел зајакнување на квалитетот и релевантноста на пазарот на трудот на стручното образование и обука, преку финансирање инвестиции во опрема и инфраструктура за избрани проекти за кооперативна обука што се спроведуваат преку партнерства помеѓу центри за стручна обука и претпријатија.
Поддршката што Фондот за регионални предизвици на Германската банка за развој (KfW)ја дава на Западен Балкан преку поттикнување на партнерство на образовни институции, средни училишта и факултети, и компании, е најдобриот начин да се помогне во закрепнувањето, растот и подобрување на конкурентноста на економиите од Западен Балкан 6.
Според Михајло Весовиќ, претставник на Форумот за инвестиции во Западен Балкан, “овој проект започнат пред пандемијата сега станува уште поважен затоа што ќе обезбеди дополнителна обука и нови вработувања во компаниите и индустриите кои биле најмногу погодени од Covid 19. Овие бизниси сега работат со намалени капацитети и ќе мора да го намалат бројот на вработени и да претрпат сериозни структурни промени.“
На настанот беше истакнато дека Стопанските комори, членки на Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан 6 ќе бидат максимално ангажирани и ќе придонесат за вклучување во конзорциуми на компании од гранки кои се клучни за развојот на секоја економија поединечно и регионот како целина. Вејсовиќ ги покани компаниите да соработуваат со средни училишта, високи стручни училишта и факултети за да аплицираат за средствата на Фондот и заеднички да формираат центри за обука што ќе им овозможи на учесниците да се запознаат за време на обуката со машини, опрема и алатки со кои се работи во реална работна средина и со кои ќе работат подоцна кога ќе се вработат.
Онлајн настанот опфати разни теми, вклучително и „Подобрување на партнерствата за кооперативна обука помеѓу институциите за стручно образование и претпријатијата во Западен Балкан 6“. Учесниците го дадоа своето мислење за соработката помеѓу приватниот сектор и секторот СОО што треба да резултира во поддршка на понатамошно образование и економски реформи на Западен Балкан. Исто така, беше наведено дека приватниот сектор треба да биде поинволвиран во соработката со институциите за стручна обука.
„Фондот за регионални предизвици е иновативен инструмент создаден врз основа на побарувачката за соодветно обучена работна сила, во вистинско време. Фондот претставува можност за компаниите и давателите на стручна едукација и обука соодветно да се подготват за времето што следува по пандемијата, што дополнително ќе придонесе за стабилизирање и развој на нивните индивидуални деловни модели.“– рече Викториа Веидт, Сениор директор за портфолио, КФВ
Панелистите се согласија дека програмите како што е Регионалниот фонд поддржуваат подигнување на квалитетот на стручното образование, за што значително придонесува соодветната законска рамка. Преку поддршката од Фондот, компаниите ќе можат да го олеснат процесот на обука на студенти, потенцијални идни вработени, бидејќи тие ќе дојдат во работната средина со претходно стекнати основни технички вештини што ќе ги стекнат благодарение на современата опрема и алатки во нивните училишта . Компаниите исто така можат да ја користат поддршката на Фондот за дополнителна обука на своите вработени.
Повикот за изразување интерес беше објавен на https://rcf-wb6.org/и ќе биде отворен од 1 февруари до 30 април 2021 година. Апликациите се отворени за конзорциуми од шесте економии од Западен Балкан, составени од еден институт за стручна обука и најмалку два претпријатија.
Поврзани артикли